macOS Sequoia е името на најновата верзија од macOS, односно од macOS 15. Надградбата не донесува некои драстични новини, но сепак дојде со повеќе новини од што се очекуваше.
Една од новините која привлекува најголемо внимание е карактеристична за Apple изминатите години, односно функцијата достапна кај конкурентите одамна, па конечно доаѓа и на macOS.
Се работи за познатата Windows функција Snap Layouts, односно можноста прозорите да се постават на страните од екранот само преку нивно повлекување на саканата страна.
Оваа функција кај macOS Sequoia е наречена Windows Tiling, едноставно и описно име, а исто како на Windows овозможува поставување на два прозори еден до друг или четири во ќошевите од екранот. Поставувањето се прави автоматски кога корисникот ќе го повлече екранот на некоја од страните.
Една од поголемите новини која ја донесува macOS 15 е можноста за прикажување на екранот од iPhone директно на Mac компјутерот. Корисниците можат да го користат нивниот iPhone со сите негови можности, а се пресликуваат и звуците кои треба да се слушаат, а може да се користи и тастатурата.

Со оваа новина корисниците ќе ги добиваат и известувањата од нивниот телефон, па функцијата Continuity навистина може да се каже дека е целосна сега.
Safari ги добива новините од iOS 18, односно нов режим за читање кој сега овозможува и сумирање на статиите, а тука е и новата Highlights функција која „влече“ информации од страните и ги поврзува со конкретни активности, како локација, музика и слично.

Apple на презентацијата најави дека macOS добива дополнителна листа од познати игри, а беше претставена и Game Porting Toolkit 2 алатката. Оваа нова алатка покрај тоа што дополнително го олеснува процесот на префрлување на Windows игрите на macOS, овозможува и префрлување на игрите помеѓу Apple платформите. Со тоа програмерите добиваат пристап до многу поголем број на корисници, заедно со тие на iPhone и iPad.

Дел од macOS Sequoia се и новата Passwords апликација, како и се разбира сите нови функции достапни преку Apple Intelligence.
