Windows 11 донесе неколку клучни новини во споредба со Windows 10, а една од нив е делот за „виџети“ кој се појавува од левата страна на екранот по притискање на копчето поставено на долната лента од системот. Овој дел не би бил ни приближно корисен ако на него бидат достапни само виџетите од Microsoft, кои иако не се непотребни, сепак се малку.
Од компанијата најавија конечно дека ќе дозволат програмерите да креираат сопствени виџети кои би им биле достапни на корисниците да ги вклучат во „Widgets“ делот. За таа цел тие дури објавија и основни принципи за програмерите подобро да ги дизајнираат и направат своите виџети.
Сега конечно го имаме и првиот виџет направен од трета страна, односно не од Microsoft. Виџетот е од Facebook Messenger и како што би се очекувало прикажува листа од најновите разговори од апликацијата. Можеби не делува како којзнае колку важен виџет, но ова е само почеток и се очекува во иднина да има многу повеќе виџети од различни апликации.

За почеток виџетот од Messenger е достапен за корисниците на најновата Insider верзија од Windows 11 на dev каналот. Корисниците треба да ја инсталираат и најновата верзија од Messenger преку Microsoft Store, по што можат да го додадат виџетот како што се додаваат и досегашните од Microsoft.
Достапноста на оваа новина во dev каналот значи дека не треба да се очекува за сите корисници баш наскоро, но веруваме дека тоа ќе се случи до крајот на оваа година, најверојатно во есен.