Фото: Microsoft

Microsoft и ASUS претставија два нови уреди кои ќе им конкурираат на таквите како Nintendo Switch и слични, односно играчки конзоли направени во форма и големина за држење во рака. 

Уредите се наречени ROG Xbox Ally и ROG Xbox Ally X, а како што би се очекувало функционираат на Windows 11, а тоа според Microsoft им дава голема предност пред конкурентите. 

Од имињата на двата уреди може да се заклучи дека се работи за мали разлики во перформансите, а со тоа и соодветно во цената. 

Двата уреди доаѓаат со 7 инчни екрани со 1080p резолуција, како и 120 херци стапка на освежување. 

Главната разлика доаѓа кај процесорот кој се користи и меморијата, па во случајот со ROG Xbox Ally се работи за AMD Ryzen AI Z2 A процесорот заедно со 16GB RAM, додека посилниот ROG Xbox Ally X доаѓа со AMD Ryzen AI Z2 Extreme процесорот со 24GB RAM. 

Фото: Microsoft

Тоа што привлекува посебно внимание кај овие два уреди е тоа што тие функционираат со нова Xbox апликација која на уредите работи на целиот екран. Кога истата е вклучена во ваков режим Windows 11 прави прилагодување на ресурсите кои се користат со давање приоритет на апликацијата и игрите, додека другите Windows процеси, а посебно тие кои не се потребни во моментот, се исклучуваат. 

Ова треба да доведе до подобрување на перформансите на игрите, иако ќе видиме колку, како и подобрување на траењето на батеријата. 

Иако од Microsoft не го најавија тоа, овој нов режим на функционирање можеме во иднина да го очекуваме и кај компјутерите, со што корисниците би добиле можност за максимално искористување на нивниот компјутер, без „проблеми“ од Windows во позадина. 

ROG Xbox Ally и ROG Xbox Ally X треба да станат достапни до крајот на годината, но во ограничен број на земји, за жал. Новините кои се дел од Windows 11, како и Xbox апликацијата, идната година ќе им станат достапни и на производителите на конкурентните вакви играчки конзоли.