Microsoft денес ги претстави новите генерации од два одлични и популарни Surface уреди. Малиот и поевтин Surface Go 2, како и 2 во 1 лаптопот кој е замислен да замени десктоп компјутер Surface Book 3. Поради неможноста за одржување на настани, уредите беа презентирани онлајн од страна на Панос Панај.

Surface Book е лаптоп кој може да се каже дека е без конкуренција. Покрај тоа што доаѓа со одлични перформанси, екранот може да му се извади и да се користи како таблет компјутер, преку познатиот механизам кој го држи екранот цврсто поставен на тастатурата.

Третата генерација од овој лаптоп доаѓа со најновите компоненти кои се достапни сега, па корисниците ќе можат да изберат од 10тата генерација на Intel процесорите, до 32GB RAM меморија, до 2TB SSD диск, како и Nvidia GTX, но и Quadro RTX графички картички.

Овој лаптоп како и минатата година доаѓа во две варијанти, односно со 13 и 15 инчен екран и почетна цена од 1.599 долари, а изборот на најдобрите компоненти ќе ја качи цената доста повеќе од ова.

Surface Go 2 е мал таблет компјутер кој може да се користи и како лаптоп со додавање на тастатура, а поради истите димензии корисниците ќе можат да ја користат тастатурата од првата генерација на Surface Go.

Овој уред може да се каже дека е помала и поевтина верзија од Surface Pro, а е замислена да се користи од страна на корисниците на кои не им е потребен поголем и силен лаптоп компјутер.

За разлика од минатата генерација, Surface Go 2 има помали рамки, на сметка на што екранот е поголем и има 10,5 инчи. Резолуцијата на овој екран е Full HD, што на неговата големина е и доволно за чиста и квалитетна слика.

Корисниците можат да купат и пенкалце за работа на екранот, покрај тастатурата, а оваа година може да изберат и Intel Core M процесор што ќе го направи овој мал уред доста повеќе погоден за секојдневна работа.

На предната страна е поставена камера со 5 мегапиксели, како и двоен микрофон кој треба да ги направи доста квалитетни видео повиците кој овој период се доста популарни.

Покрај овие два уреди, Microsoft ја претстави и втората генерација од своите слушалки, како и „докот“ за поврзување на лаптоп со поголем екран. Surface Headphones 2 и Surface Dock 2 ги надополнува и најавата за почеток на продажбата на Surface Earbuds кои беа најавени минатата година.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаОсновачот на Wunderlist ќе претстави нова апликација за листи
Следна статијаМлади иноватори од нашата земја ќе учествуваат во глобалниот младински предизвик „Generation Unlimited“ со две решенија за #ДигиталнаИнклузија на деца со попреченост
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.