Дел од кодот во тест верзиите од Skype ни ја најави оваа информација минатата недела, а од Microsoft кратко потоа ја потврдија. Овој познат сервис, некогаш главниот за аудио и видео повици, конечно после повеќе години на одење во тој правец, ќе престане со работа.
Skype ќе функционира до 5 мај оваа година, по што ќе згасне, а корисниците ќе можат да се префрлат и да го користат другиот сличен сервис од компанијата, Microsoft Teams.
За корисниците кои не би сакале да се префрлат на Teams, Microsoft им ја дава можноста да ги извадат своите податоци, односно нивните разговори, контакти, како и историјата на повици.
Почнувајќи сега со Insider верзиите од Skype и Teams, корисниците ќе можат да се префрлат на Teams преку најава на овој сервис со нивната Skype сметка. Оваа можност ќе биде пуштена и на официјалните верзии од мај.
За корисниците кои плаќаат претплата за разговори, после 5 мај истата ќе можат да ја користат преку веб порталот на Skype, како и преку Teams.
Според информациите, Skype има паднато во бројката на корисници од 300 милиони месечни корисници во 2016, на само 36 милиони во 2023. Од друга страна, Microsoft Teams сега има околу 320 месечни активни корисници.
Microsoft Teams сепак за доста корисници не е првиот избор, па ќе видиме дали Skype корисниците ќе сакаат да се префрлат на овој веќе не толку нов сервис. Одредени функции се слични, а корисниците со префрлувањето на Teams ќе имаат и одредени предности во споредба со Skype, како што се подобри конференциски повици, организирање преку календар, креирање на заедници и слично.
Microsoft го купи Skype во 2011 година, но може слободно да се каже дека не успеа да ја задржи популарноста која ја имаше сервисот во тој период. Teams од друга страна се покажува нешто подобро, но во главно за бизнис корисниците, а ќе видиме како ќе се покаже овој период и бесплатната верзија со помалку функции. Корисниците сепак повеќе ги користат другите сервиси за разговори, како што се Viber, WhatsApp, Messenger и другите.