Instagram вчера претстави нова верзија од својата апликација за Android и iOS уредите која вклучува додатни можности за корисниците на оваа позната социјална мрежа за слики. Со оваа верзија, која што сега го носи бројот 6.0, корисниците добиваат 10 нови алатки за измена на сликите, како и можност за избор на степенот на примена на постојните филтри.
Што се однесува до дизајнот, апликацијата нема некои позначајни промени кои што би ги забележале. Кога ќе ја вклучите корисничкиот интерфејс останува ист, а со тоа и познатото корисничко искуство.
Новите алатки ја прават апликацијата повеќе од тоа што до сега се сметаше. Истата може да се користи и за посериозно средување на сликите, колку што тоа може да се очекува на мобилен, а не само едноставно додавање на интересни филтри. Новите алатки ги вклучуваат следните:
- Јачина на примена на филтрите
- Прилагодување (Adjust)
- Осветленост (Brightness)
- Контраст (Contrast)
- Топлина на боите (Warmth)
- Сатурација (Saturation)
- Highlights
- Сенки (Shadows)
- Вињета (Vignette)
- Изострување (Sharpen)
До овие нови алатки можете да пристапите преку новата икона во форма на клуч, кога ја менувате сликата, односно додавате филтри, додека јачината на филтрите можете да ја менувате со притискање два пати на филтерот кој што сакате да го примените на соодветната слика.
Instagram 6.0 е достапен во продавниците за апликации на Android и iOS, а информации за надградба на Windows Phone апликацијата се’ уште нема.
Извор: Instagram