Новиот Bing, кој ја има можноста да креира текст врз основа на насоките од корисниците, сега ја добива истата можност за слики. Корисниците ќе можат да дадат повеќе насоки, по што Bing ќе им креира целосно нова слика.
Оваа нова можност на Bing, Microsoft ја најави денес и истата ќе биде интегрирана во пребарувачот, но за почеток само доколку се избере Creative стил на одговори. Покрај во самиот пребарувач, Bing Image Creator, како што е наречен, ќе биде интегриран и во Microsoft Edge, каде со најновата верзија стана достапен и новиот Bing.
Bing Image Creator функционира на познатата технологија од OpenAI, наречена DALL-E, а Microsoft голем дел новите функции во Bing ги прави врз основа на технологиите кои ги развиваат од оваа компанија.
За корисниците кои уште не го користат новиот Bing, новата функција за креирање на слики е достапна преку https://www.bing.com/create.

Можноста за креирање на слики врз основа на текст, односно насоки од корисникот, има повеќе намени. Покрај тие кои може да се каже дека се дискутабилни, со оваа алатка корисниците може да станат покреативни во нивната комуникација и на друштвените мрежи.
Од Microsoft истакнуваат дека имаат вградено механизми за да Bing Image Creator не може да се злоупотребува, но ќе видиме дали ќе излезат некои „интересни“ слики кои ќе направат мал проблем на компанијата.