Од извор со кој досега имаат соработувано, XDA Developers имаат добиено документ кој треба да е од Google преку кој од компанијата ги информираат и подготвуваат партнерите за наредната верзија од Android. Од XDA Developers тврдат дека автентичноста на документот можат да ја потврдат, но не и сликите од Android 12, како што се тврди.
Android 12 треба да биде официјално презентиран од страна на Google во периодот што следи, по што во јуни би следела официјалната најава со достапност на јавни бета верзии. Доколку ги земеме сликите кои се достапни сега како точни, можеме да видиме дека Google оваа година спрема нешто поголеми промени во Android за разлика од претходните неколку.
Тоа што може да се забележи е дека Google планира да воведе посебни индикатори кога се користат камерата и микрофонот. Корисниците ќе бидат известени за истото, а ќе можат и да кликнат за да видат која апликација ги користи.
Покрај ова, корисниците ќе имаат можност целосно да ги исклучат камерата и микрофонот, а со тоа да добијат некое ниво на сигурност дека некоја апликација не ги користи без нивно знаење.

Уште една интересна работа која се гледа е нов виџет кој го носи името „Conversations“. По ланското давање на посебно внимание на известувањата од апликациите за разговори во центарот за известувања, изгледа оваа година корисниците ќе добијат и посебен виџет од каде ќе можат да ги видат најновите информации поврзани со нивната комуникација.
Тоа што сега може да се види е дека се работи за прилично мал виџет кој ќе може да прикаже една порака од еден корисник, како и неговиот статус во моментот.
Ако овој виџет е мерка, може да се очекува и одредена промена, односно освежување на изгледот на виџетите, но сепак на Android програмерите имаат слобода да ги направат своите виџети како сакаат, па можеби промената од Google нема веднаш да донесе некоја голема промена.

Од сликите може да се забележи и делумна промена кај центарот за известувања. Тој изгледа дека ќе ја изгуби својата проѕирност, иако производителите воведуваат свое решение кое можеби ќе ја задржи истата.
Нема уште многу време додека можеме да очекуваме излегување на официјални информации, па ќе видиме дали нешто од овие слики не е точно, со оглед на тоа дека очекуваме да се покажат како точни.