Во рамките на Snapdragon Summit, Qualcomm покрај првата сериозна конкуренција на Apple M чиповите, ја претстави и наредната генерација од нивниот чип за мобилните.
Snapdragon 8 Gen 3 донесува доста добро подобрување од претходниот модел, а може да се каже дека Apple и тука добива посериозна конкуренција на нивниот најнов А17 Pro чип кој беше претставен со iPhone 15 Pro серијата.
Qualcomm посебно ги истакнува подобрувањата во делот на вештачката интелигенција, поточно генеративната ВИ и големите јазични модели. Snapdragon 8 Gen 3 ќе може голем дел од задачите да ги прави локално, а тука се вклучуваат таквите како генерирање на текст, слики, подобрување на безбедноста на уредот, подобрување на сликите и додавање ефекти и слично.
Apple добива конкуренција и во делот на „гејминг“, па Qualcomm го промовира нивниот нов чип исто како Apple, односно како играчка конзола. Корисниците добиваат 25% подобрување на перформансите во споредба со претходната генерација, како и 25% подобрување на ефикасноста. Подобрувањето кај „ray tracing“ функцијата е дури 40%.
Што се однесува до процесорот, Kryo е направен на основа на едно Cortex-X4 јадро кое работи до 3,3 GHz, 5 јадра кои се исто така за добри перформанси, како и 2 јадра за ефикасност, односно за заштеда на енергија.

Се гледа дека Snapdragon 8 Gen 3 има за цел да ги подобри перформансите во сите области најдобро што може, а тука повторно треба да се истакне конкуренцијата со Apple.
Подобрувањата во споредба со претходната генерација не се баш мали, па перформансите добиваат 30% подобрување, додека штедливоста 20%.
Qualcomm ги најавува првите уреди со Snapdragon 8 Gen 3 веќе во наредните неколку недели, а како соработници ги истакна компаниите како Asus, Honor, OnePlus, Oppo, Redmi, RedMagic, Sony, Vivo, Xiaomi и други.