Европската Унија со години се обидува да донесе закон поврзан со заштита на децата, поточно нивната злоупотреба, но зад оваа добра цел се кријат цела низа на правила кои на крајот ќе донесат нарушување на приватноста на сите граѓани.
Законот кој се предложува во различни форми од 2022 година е наречен CSAR – Child Sexual Abuse Regulation, но тој повеќе почна да биде означуван како „Chat Control“ од страна на организациите за приватност.
Тој не беше донесен кога во октомври оваа година Германија се произнесе како против, со што не беше постигната потребната бројка за да може воопшто да се започне со процедурата за донесување на законот.
Сега Советот на Европската Унија подготви нова верзија од законот која заедно со Европскиот Парламент ќе треба да почне да се подготвува.
Кратко кажано, овој нов предлог закон се смета до некаде како победа за приватноста, но се предупредува дека остава простор за злоупотреба, а и донесување на критикуваните членови во иднина.
Делот на кој се гледа како на победа е тргањето на обврската за скенирање на приватните и шифрирани пораки на корисниците. Обврската сега е ставена како доброволна активност на компаниите, а од нив се очекува да сепак постават одредени механизми кои би овозможиле заштита на децата, како и пријавување на одредена содржина на нивните платформи.
Доброволните активности, како што ги нарекуваат и кои беа привремени, ќе им биде продолжен рокот, што значи дека на компаниите ќе им се дозволува ако сакаат да ги скенираат пораките на корисниците, меѓу другото.
Целиот предлог од Советот на Европската Унија можете да го прочитате тука.










































