Со објава преку X, Елон Маск информира дека проверките за Polaris Dawn мисијата се завршени, што значи може да се очекува лансирањето на Falcon 9 ракетата која ќе го однесе Crew Dragon леталото во орбитата на Земјата.
Polaris Dawn мисијата привлекува посебно внимание поради неколку причини. Првата е што четворицата астронаути кои треба да полетаат во текот на утрешниот ден ќе бидат првите кои ќе ја направат таканаречената „вселенска прошетка“, а да не се од државна агенција. Тоа значи дека SpaceX ќе биде првата приватна компанија која ќе ја изведе оваа активност која се смета за доста ризична.
Втората причина поради која Polaris Dawn ќе го привлече вниманието е исто така поврзано со активноста на излегување од вселенското летало. SpaceX ќе го тестира нивниот нов скафандер кој треба да е доста потенок од досегашните. Висината, односно оддалеченоста од Земјата и високата радијација која ја има надвор од заштитата на атмосферата, ќе бидат погодни за тестирањето на новите скафандери.
На крајот, Crew Dragon леталото е посебно прилагодено да може да се отвори со цел излегување на астронаутите, но без посебен дел наменет за тоа. Тоа значи дека леталото ќе биде отворено во делот каде што се наоѓаат астронаутите, а од SpaceX имаат подготвено цели планови доколку нешто не оди како што треба со овој нов процес.
Лансирањето е планирано за 9:38 часот по македонско време во текот на утрешниот ден, односно 27 август, вторник. Висината која се планира да се достигне исто така е специфична како целата мисија, а ќе ги однесе астронаутите најдалеку од Земјата по мисијата до Месечината и мисијата Apollo.
Оваа висина ќе изнесува околу 1400 километри, а вселенската прошетка ќе се изведе на висина од околу 700 километри.
Launch Complex 39A во NASA Kennedy Space Center во Флорида ќе биде локацијата од каде ќе биде лансирана Falcon 9 ракетата која како и досега ќе се врати назад на Земјата за идна употреба.