Од 9 до 11 јуни 2015 година, во Хотел „Бистра“, Маврово ќе се одржи првиот 3-дневен Traction Camp со 6 лидери за старт-ап бизниси и експерти од Силиконската долина. На кампот ќе бидат реализирани работилници, каде ќе се споделува меѓусебно искуство и ќе се усовршува презентирање пред потенцијални инвеститори. Главен организатор е USAID-REG во соработка со NewMan’s Business Accelerator и CCC Startups.
Преку селекција ќе се издвојат 25 амбициозни регионални основачи на старт-ап компании за технолошки производи во развој од Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, кои ќе ја имаат можноста да присуствуваат на 3-дневниот камп.
Целта е 25 старт-ап основачи да ги развијат своите вештини во конкретни сегменти како: да ги разберат потребите на клиентите и пазарот за нивниот производ, да развијат вештини за претставување на производите пред клиенти и инвеститори, да ги подобрат перформансите на производите и да имаат поголем успех во истражување и развивање на дистрибутивни и продажни канали. Ментори на настанот се познати бизнис лидери и експерти од Силиконската долина како : Шира Ејбел, Ејлина Адамс, Елина Желева, Витали Голомб, Дмитри Матскевиќ и Макс Гарвитс, претставници од компаниите Hunter & Bard, PrintMo.com, CCC Startups, Flocktory, Wikimart и претставници на бизнис заедницата чија цел е да ја доближат Силиконската долина до Европа.
Победниците ќе бидат одредени од жири комисијата преку презентација на идејата, каде учество ќе земат и основачот и извршен директор на Њу Менс Бизнис Акцелераторот, Ирена Чаушевска и бизнис партнерот, Владимир Трајковиќ.
Наградите за учесниците се обезбедени од Акцелераторот и тоа: 2ро и 3то пласираните ќе добијат 30% попуст за учество во Смарт-ап Центарот или за учество во ексклузивната нова програма на Акцелераторот за развој на старт-ап компании во Силиконската долина и настап на американскиот пазар. Победникот на Traction Camp ќе добие 50% попуст за 2те програми на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот.