Кинескиот Vivo претстави два нови смартфони од категоријата на „преклопливи“ и со тоа останува еден од главните неколку играчи на овој пазар. Vivo X Fold2 е третиот ваков смартфон од компанијата, а тие го претставија и првиот за нив телефон на преклоп по хоризонталата, X Flip.
Vivo X Fold2 може да се нарече дека е мала надградба, односно не донесува драстични промени, од изгледот, па до перформансите. Vivo го продолжува досегашните успешен рецепт и на овој телефон му ја дава потребната надградба од минатата година.
Vivo уште од својот прв ваков модел делумно се истакнува на пазарот со одредени карактеристики. Тоа го продолжува со нешто поголемиот од конкурентите внатрешен екран кој има 8,03 инчи во дијагоналата и резолуција од 2К+. Зголемена е максималната светлина на овој екран, па тој сега може да работи до 1800 „нити“.
Двата екрани кај X Fold2 доаѓаат со стапка на освежување од 120 херци, нешто што веќе е стандардно за високата класа, а почнува да се користи и кај другите класи.

Уредот работи на моментално најдоброто од Qualcomm, одличниот Snapdragon 8 Gen 2, а тука е и UFS 4.0 за уште побрза работа. Телефонот е полесен и потенок од првата генерација, а се најавува и 33% подобрување на механизмот за преклопување кој треба да издржи барем 400.000 преклопувања.
Батеријата на X Fold2 е со капацитет од 4.800 mAh, а се полни со брз полнач од 120W, како и брз безжичен полнач од 50W.
Главната камера на уредот е со 50 мегапиксели и е направена во соработка со ZEISS и сите функции кои ги донесува оваа компанија.

Vivo X Flip е првиот ваков смартфон од Vivo и е направен во стилот на Galaxy Z Flip, односно Motorola RAZR. Тоа значи дека ова е уред кој има формат на стандарден смартфон, но може да се преклопи по хоризонталната линија со цел да се добие помал уред доста полесен за пренесување.
Од компанијата го промовираат како елегантен и преносен уред кој е и еден вид на моден додаток. Камерите кај овој телефон исто така се направени во соработка со ZEISS што значи дека перформансите и очекувањата треба да бидат на високо ниво. Како што е стандардно за овој вид на телефони, X Flip доаѓа со режим кој е посебно наменет за корисниците кои често снимаат видео содржина.
Vivo X Flip доаѓа со 6,74 инчен екран со Full HD резолуција и 120 херци стапка на освежување. Работи на Snapdragon 8+ Gen 1, како и UFS 3.1, што значи дека е нешто побавен од X Fold2.
Батеријата му е со капацитет од 4.400 mAh, а може да се полни со брз полнач од 44W.
Засега телефоните се претставени за кинескиот пазар, па ќе видиме кога може да се очекуваат и во Европа.