SpaceX во текот на вчерашниот ден го изврши вториот тест лет од нивното Starship летало, заедно со Super Heavy ракетата. Ова е втор ваков тест, а првиот беше извршен во април оваа година, по повеќе издвоени тест летови на Starship и успешно слетување назад на Земјата.
Првиот тест заврши неуспешно со експлозија по неможноста двете летала да се одвојат.
Вториот лет беше нешто поуспешен, но и тој заврши со експлозија и губење на леталата, иако за Starship се’ уште се чекаат точни информации што се има случено.
До експлозија овој пат доаѓа по успешното одвојување на двете летала и успешно вклучување на ракетите на Starship. Super Heavy ракетата по одвојувањето не успева да продолжи со слетување назад на Земјата, по што доаѓа до експлозија, односно нејзино уништување.
Starship продолжува кон вселената, но се губи секаков сигнал со леталото, па ќе видиме кои ќе бидат официјалните информации за што точно се има случено.
Како и да е, од SpaceX истакнуваат дека Starship има стигнато до висина од 150 километри, а ракетите функционирале неколку минути.
„Со тест како овој, успехот доаѓа од она што го учиме, а денешниот тест ќе ни помогне да ја подобриме способноста на Starship, додека SpaceX се обидува да го направи животот мултипланетарен. Ќе продолжиме да споделуваме информации овде додека тимот ги прегледува податоците од денешниот тест. Им благодариме на нашите клиенти, округот Камерон и на пошироката заедница за континуираната поддршка и охрабрување. И честитки до целиот тим на SpaceX за возбудливиот втор лет тест на Starship!“ – истакнаа од SpaceX.
Starship е летало од SpaceX за кое се има големи амбции, како што е крајната цел да се користи за носење на првите луѓе до Марс некогаш во иднина.
Во продолжение можете да го погледнете видеото од вчерашното лансирање на Starship и Super Heavy.