За оваа година се најавува дека Windows 10 конечно ќе добие поголемо освежување на корисничкиот интерфејс, а изгледа сега ги гледаме и првите новини кои ќе бидат дел од оваа промена.
Иако се очекуваат поголеми промени во изгледот, се очекуваат и новини кои ќе донесат нови функции, а неколку пати се споменува дека дел од овие промени ќе биде и таскбарот, односно главната лента која е поставена на долниот дел.
Во Dev верзијата од Windows 10, која е дел од Windows Insider програмата, на таскбарот е додаден нов дел кој ќе покажува вести и други информации. Самото копче, кое може да се избере во кој форма да биде, ќе ја прикажува временската прогноза, а кога ќе се притисне се појавува посебен дел во кој ќе бидат прикажани најновите вести од интересите на корисникот.

Како што би се очекувало, оваа функција е поврзана со MSN сервисот од Microsoft кој веќе ги прикажува овие информации, а од Microsoft истакнуваат дека ќе биде потребно да е инсталиран Microsoft Edge.
До официјалното пуштање се надеваме дека овој дел ќе добие уште по некоја информација, како на пример закажаните настани во календарот и слично.
Нема информации кога овој „news and interests“ дел ќе им стане достапен на сите корисници, па не е чудо да треба да се почека до есен за кога е и најавена поголема надградба на Windows 10 после повеќе години.
