На настан во Пекинг кој се одржа вчера, Xiaomi го претстави SU7, нивниот прв електричен автомобил. Со ова од компанијата сериозно излегуваат од рамките на нивните досегашни производи, а се подготвуваат и за конкуренција со компаниите како Apple и Sony, од кои се’ уште чекаме влез на пазарот.
Како што би се очекувало од Xiaomi, реално нивните производи обично се директна конкуренција на некои други и се инспирирани од нив, да не ги наречам често и копија, SU7 може да се стави како целосно конкуренција на Tesla, односно дел од нивните автомобили.
Покрај овој коментар, сепак мора да се истакне дека Xiaomi SU7 изгледа одлично, а од тоа што може да се види на хартија во оваа фаза, Tesla треба да бидат загрижени.
Xiaomi SU7, што на кинески се изговара како „су-чи“, е седан возило кое е целосно електрично, а доаѓа и со систем за автономно управување. Достапноста е најавена за идната година и ќе има два модели кои ќе се разликуваат во бројот на мотори, односно погон и големината на батеријата.

Главниот модел, SU7 Max, треба да може да помине до 800 километри со едно полнење, како и да забрза од 0 – 100 километри на час за само 2,78 секунди. Тоа што уште повеќе привлекува внимание е најавата за брзото полнење на батеријата која за 5 минути ќе овозможи 220 километри, 390 со 10 минути полнење, како и 510 километри со 15 минутно полнење.
Овој модел ќе дојде со два електрични мотори и погон на сите тркала, додека основниот модел ќе има еден мотор и погон на задните тркала. Овој модел исто така ќе има можност да помине до 670 километри со едно полнење, што повторно е одлично.
Xiaomi SU7 е модерно дизајниран автомобил кој е полн со технологија внатре и околу автомобилот. Тука се сите потребни сензори за автономно возење кое се најавува дека ќе биде доста способно во градските гужви, а тестирањата ќе бидат направени во повеќе од 100 кинески градови до крајот на идната година.
Оваа функција е направена на основа на Xiaomi Pilot платформата која работи на NVIDIA Drive Orin процесорите, а тука се и процесорите од Qualcomm за системот за контрола на автомобилот.
Овој систем функционира на HyperOS од Xiaomi, a е поставен на 16,1 инчен 3К екран, доволно голем за сите потребни активности на корисникот.
Xiaomi SU7 беше претставен на посебен настан кој можете да го погледнете во продолжение.