Zorin OS е Linux дистрибуција која директно се обидува да ги привлече корисниците на Windows, а тоа го прави преку прилично познат кориснички интерфејс, кој во платената верзија може да изгледа и како Windows 11, како и со стабилност и едноставност при работата.
Иако јас сметам дека има доста подобри дистрибуции, сепак, следењето на оваа одлична Windows алтернатива го покажува трендот на зголемување на популарноста на Linux кај обичните корисници.
Три фактори може да се истакнат како главни за подобрената популарност на Linux, а тие се сѐ полошиот углед на Windows 11, крајот на поддршката за Windows 10 и достапноста на повеќето Windows игри благодарение на Valve и нивната технологија.
Тука може да се истакне и достапноста на доволно едноставни дистрибуции кои не бараат од корисникот многу знаење и прилагодување за да можат да се користат.
Zorin OS е Linux дистрибуција која е направена на основа на Ubuntu, можеби најпознатата дистрибуција за обичните корисници. Истата е развиена од страна на двајца браќа уште во 2008 година.
Zorin OS 18 е најновата верзија од системот, а истата беше пуштена кога заврши поддршката за Windows 10. Од компанијата објавија дека месец дена подоцна нивниот систем бил симнат 1 милион пати, а повеќето од тие симнувања доаѓаат од Windows.
Сега бројката на симнувања е дуплирана, па Zorin OS 18 е симнат 2 милиони пати за помалку од 3 месеци, а 75% од симнувањата доаѓаат од Windows.
Овие бројки се доста мали доколку се споредат со Windows, но сепак се доста важни за мала дистрибуција како Zorin OS, посебно што доаѓаат во време на пад на популарноста на Windows 11 и крај на поддршката за Windows 10.
Уште една дистрибуција покажува доста голема популарност, а посебно кај „гејмерите“. Се работи за Bazzite, а оваа дистрибуција е направена на основа на Fedora, што може да се каже дека е доста позитивна карактеристика во споредба со Ubuntu.










































