nurve

Има многу причини зошто десктоп оперативен систем не може да успее во телефон, но ќе наброиме само неколку – нема да можете ништо да видите на екранот, перформансите ќе бидат послаби, додека траењето на батеријата прилично кратко. Сепак, од SyncPhone, нова Indiegogo кампања, велат дека нивниот Nurve смартфон е вистинското решение – има моќни компоненти и целосен Windows 10, истиот оној што го имате во вашиот компјутер.

Не би сакал да почнам премногу да навлегувам во тоа како ќе се користи телефонот. Екранот има 5,4 инчи и само HD резолуција и се чини како претерано мал за кориснички интерфејс кој е пред се развиен за користење со маус и тастатура, а најмалку за користење на допир на толку мал екран и покрај тоа што SyncPhone ќе биде достапен со дигитално пенкалце. Корисникот сепак ќе има можност за користење и на други оперативни системи, во овој случај Android и Ubuntu, кој исто така е направен пред се за десктоп и лаптоп компјутери. А за Android, мислам дека има веќе доволно модели на пазарот.

Syncphone (3)

Настрана од малиот дисплеј за намената, SyncPhone има прилично моќни перформанси – процесорите ќе бидат од најновата Intel Atom серија и тоа X5 и X7 зависно од моделот. Ќе бидат достапни и верзии со 2, 4 и 8 GB рам меморија (!), што значи дека ако ги одберете помоќните верзии, не би требало да имате проблем да работите на 10-тина апликации одеднаш, како на вистински компјутер. Трите достапни модели ќе се разликуваат и по вградениот простор за складирање податоци – 32, 64 и 128 GB, но сите ќе имаат можност за проширување преку micro SD картичка. Различни ќе бидат и камерите – 8, 12 и 20 мегапиксели.

Syncphone (2)

SyncPhone ќе има можност и за поврзување со поголем екран преку Miracast, кога ќе може да се користи како вистински десктоп компјутер. Се е тоа навистина интересно – Windows програмите се одлични за работа на поголем екран, но батеријата има само 3000 mAh, што е исклучително малку за посериозна работа – дури и смартфони само со Android имаат поголеми батерии.

Syncphone (1)

Сето ова делува навистина интересно на хартија и би рекол дека е убава најава за Surface Phone телефонот на Microsoft, особено поради држачот на SyncPhone позади. Сепак, досега неколку непознати кинески компании веќе пробаа да направат телефони со целосен Windows, секако неуспешно и искрено не верувам дека Indiegogo кампањата ќе успее – треба да собере дури 750.000 долари, а досега има собрано само 549 долари.

Извор: Neowin, WinBeta, Indiegogo

Претходна статијаСмартпортал неделник 30.11 – 06.12 2015
Следна статијаSonicTouch е нов читач за отпечатоци на прсти кој ќе може да се смести и во екраните