
Најголемиот производител на компјутерски процесори почна да се пробува во водите на многу други технологии, а нивниот најнов обид е во светот на дроновите. Falcon 8+ е едно импресивно парче летачка технологија, кое е апсолутно подобро од сите комерцијални дронови на пазарот, но не е наменет за широките потрошувачи, туку за индустриски апликации како геодезија, надзор и мапирање.
Самиот дрон има многу помоќни можности за летање од оние на DJI и GoPro и може да прави многу посериозни маневри. Intel Cockpit џојстикот за управување исто така е многу подобар, бидејќи овозможува многу попрецизна контрола на дронот, а во исто време е отпорен на вода и на потреси. Сето ова е и очекувано, но и потребно за уред кој ќе се користи за мапирање, кое бара голема прецизност, нешто со кое не можат да се пофалат комерцијалните дронови за снимање видеа.
На уредот очигледно ќе може да се прикачат и поголеми камери, како на пример DSLR-и, а тој постигнува и максимална брзина од 55 km/h, што е многу побрзо од останатите конкуренти.
Falcon 8+ е инаку резултат на купувањето на Intel на Ascending Technologies, германски производител на комерцијални дронови и на Movidius, производител на чипови за компјутерска визија.
Иако делува како да нема конкуренција, индустрискиот сектор допрва треба да почне да се вжештува, бидејќи DJI и Sony веќе имаат натпреварувачи, а наскоро и неколку други производители планираат влез во секторот.
Како и да е, ова е само најава за иднината, која сигурно ќе донесе многу повеќе дронови на небото. Како тие стануваат подостапни, верувам дека во иднина многу обични корисници ќе имаат свои дронови.