WP_20150422_13_35_36_Pro

Facebook моментално е најголемата социјална мрежа со скоро 1 милијарда активни корисници секој ден. Сепак, одржувањето на оваа бројка, па и нејзиното зголемување е нешто кое што е главната работа на компанијата.

За да ги задржи корисниците на нивната страна, а и да ги мотивира повторно да се вратат, Facebook редовно прави промени на алгоритамот кој што одлучува каква содржина ќе се појавува на тајмлајнот на корисниците, менува и додава функции, односно содржина и слично.

Според информации кои што се’ уште не се потврдени од страна на Facebook, од компанијата развиваат систем кој што на издавачите на содржина ќе им овозможи истата да ја хостираат на социјалната мрежа. Со тоа ќе се постигне многу побрзо отворање на содржината, наместо времето моментално потребно при отворање на веб страната каде што истата е поставена.

Со други зборови, моментално сопствениците не веб страни своите статии ги објавуваат и на Facebook, односно објавуваат линкови кои што водат до истите. Истражувањата направени од страна на Facebook покажуваат дека овој начин на читање на содржина знае да биде доста бавен, а посебно на мобилните телефони. Притискањето на одреден линк на Facebook и неговото отворање знае да биде процес кој што често трае и до 8 секунди.

Хостирањето на содржината директно на серверите на Facebook и прикажувањето на страната на оваа социјална мрежа ќе овозможи многу побрзо отворање на истата.

Интересот на Facebook во овој случај може да се каже дека е очигледен. Тие нема директно да заработуваат од оваа содржина, меѓутоа ќе направат нешто што потенцијално ќе ги задржи корисници уште повеќе на нивната страна.

Објавувачите на содржината ќе имаат можност да прикажуваат реклами од кои што ќе можат да ја задржат целосната заработка или 70% од неа доколку рекламите ги прикажува Facebook. Ова е нешто што би требало да ги мотивира објавувачите да го користат овој систем.

Инаку, Facebook веќе е важен дел во објавувањето на информации. Со се поголемата навика на користење на оваа социјална мрежа за повеќе од обично објавување на слики и коментари, огромен број на веб страни добиваат голем дел од своите посети преку Facebook.

Според информациите до кои што има дојдено The Wall Street Journal, Facebook оваа нова функција ја нарекува Instant Articles и истата можно е да биде пуштена веќе од овој месец. Компанијата веќе е во разговори и ја тестира функцијата со неколку издавачи меѓу кои и BuzzFeed, The New York Times, National Geographic и други.

За некои од издавачите ова сепак не е добра идеа и тие не би сакале дополнително да ја зголемат зависноста од социјалната мрежа која што и сега е веќе голема.

Извор: WSJ, Cnet

Претходна статијаДали сме спремни да го предадеме воланот на A.I.
Следна статијаMicrosoft ќе претстави два моќни Lumia телефони со Windows 10 годинава
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.