IFTTT или if this than that (ако ова тогаш тоа) е сервис кој што ви овозможува да поврзете два сервиси со едноставна изјава, односно промената во статусот на еден сервис да покрене одредена промена во друг сервис. Сервисот е составен од канали (channels), предизвикувачи на акција (triggers), акции (actions), состојки (ingredients) и рецепти (recipes).
Канали (channels) во основа се сервисите кои што се поврзуваат меѓусебно преку изјавите. Тие претставуваат основа на IFTTT сервисот. Моментално достапни се 79 канали, меѓу кои: Facebook, Twitter, LinkedIn, Foursquare, Email, Dropbox, SkyDrive, Yahoo Weather, YouTube, Vimeo… Листа на сите достапни канали може да погледнете на следниот линк.
Предизвикувачи на акција (triggers) го претставуваат „ова“ делот од сервисот. Поточно тие се првиот сервис кој што сакате да го поврзете, од чија што промена зависи промената на вториот сервис. На пример, “Тагнат сум на слика на Facebook“ или „Чекиран сум на Foursquare“.
Акциите (actions) го претставуваат „тоа“ делот од IFTTT сервисот. Тоа е вториот сервис кој што ќе биде променет поради настанатата промена на првиот сервис. На пример, „Прати ми СМС порака“ или „креирај статус порака на Facebook“.
Состојки (ingredients) се делови од податоци од предизвикувачите на акција. На пример, состојки на email предизвикувач на акција можат да бидат: наслов, содржина, прикачен документ, дата на примање или адресата на испраќачот.
Рецепти (recipes) се комбинациите помеѓу предизвикувачите на акција и акциите. Поточно тие се главната изјава преку која што се извршува поврзувањето на двата сервиси. Рецептите може да бидат Лични и Споделени. Личните рецепти се вашите лични рецепти кои што самите ги имате направено, додека споделените се рецепти направени од заедницата на корисници, односно од други корисници. Личните рецепти може да се вклучуваат и исклучуваат по потреба, а системот врши проверка на настанати промени на секој 15 минути и пократко за одредени сервиси.
Од 2012 година IFTTT сервисот се проширува и на физички работи, односно на сервиси надвор од веб просторот, како на пример Belkin WeMo производот за контролирање на домашни електронски уреди.
Исто така достапна е и iOS апликација која што во каналите ги додава и iOS Photos, Reminders и Contacts. Апликацијата е достапна во AppStore на следниот линк.
На IFTTT сервисот можете да се приклучите преку следниот линк.