Facebook ги претстави Instant Articles пред една година, по што постепено стануваа достапни на одредени издавачи. Од вчера, најавено на Facebook F8 конференцијата, Instant Articles станаа достапни за сите, мали и големи издавачи, од било кој дел од светот, истакнаа од компанијата на нивниот блог.
Заинтересираните корисници кои би сакале нивните статии да бидат поставени директно на Facebook, можат да се регистрираат на следната страна http://instantarticles.fb.com/.
Инаку, Instant Articles е платформа која статиите на издавачите ги презема од оригиналната страна и ги поставува директно на серверите на Facebook. Тоа овозможува да кога ќе се притисне на линк којшто би требало да води до одредена статија, во овој случај истиот веднаш ќе се отвори поради тоа што се наоѓа на Facebook и не зависи од брзината на серверот на издавачот.
Покрај тоа, Instant Articles се поедноставени, односно во главно го покажуваат текстот и сликите од статијата, па дополнително се намалува содржината којашто треба да биде отворена.
Од Instant Articles може да се каже дека најмногу добиваат од Facebook, како и корисниците. Социјалната мрежа добива уште еден систем кој овозможува корисниците да не ја напуштат страната, додека корисниците, а посебно тие на побавни интернет конекции, добиваат побрзо отворање на саканата содржина.
Според Facebook и издавачите добиваат доста, иако со ова го губат сообраќајот којшто би дошол на нивната страна. Сепак, тие имаат можност да поставуваат реклами и на Facebook, свои или преку Facebook системот, па да заработат и од овој сообраќај.
Од компанијата истакнуваат кои се предностите на користењето на Instant Articles, како на пример повеќе кликови на статиите, повеќе споделувања и почесто читање на целата статија. Ова е најдобро прикажано на следниот инфографик.
Facebook за овозможување на подобро искуство има развиено соработка со повеќе други сервиси кои треба да го олеснат и подобрат користењето на Instant Articles. Дополнително, издавачите ќе имаат можност за брендирање на статиите, односно истакнување на логото на компанијата којашто ја плаќа конкретната статија.