Според неофицијални информации од The Information, кои знаат да објават работи со кои не се сложува баш Марк Гурман, Apple се во преговори со Google за користење на нивните сервери за понапредната верзија од Siri која ќе ги користи јазичните модели од Gemini.
Тоа би значело дека наместо кон нивните Private Cloude Compute сервери, Apple ќе ги праќа барањата за посложените барања кон серверите од Google, нешто што би значело доста голема промена на политиката.
Apple исто така ќе треба да објасни што значи ова за нивниот однос кон приватноста, а промоцијата на Private Cloud Compute серверите беше во најголем дел поврзана со приватноста.
После повеќе години одбивање да се користат серверите од Google токму поради приватноста, наводно во 2023 од компанијата направиле одредени промени во безбедносните системи поради што Apple веќе немале „забелешки“.
Причината поради која од Apple воопшто размислуваат за користење на серверите од Google наместо нивните се поврзува со години на одбивање да се работи на развој на серверска инфраструктура. Резултат на тоа се сервери кои не се очекува дека ќе можат да ги задоволат барањата кои се очекуваат драстично да се зголемат по претставувањето на новата верзија од Siri.
Интересно, поради слабото користење на Apple Intelligence, моментално серверите од Apple се многу малку искористени, а наводно дел од нив седат во складиштата и нема потреба од нив.
Серверите од Apple инаку работат на нивните чипови, за кои се истакнува дека се развиени за уредите како MacBook и слични, а не за сервери, нешто што ги прави проблематични за огромна работа со големите јазични модели.









































