Договорот на OpenAI со американското Министерство за одбрана предизвика масовна реакција кај корисниците на ChatGPT. Според податоците на аналитичката фирма Sensor Tower, деинсталациите на мобилната апликација на ChatGPT во САД скокнале за 295% во сабота, 28 февруари, во споредба со претходниот ден.
За споредба, вообичаената дневна стапка на деинсталирање на ChatGPT во изминатите 30 дена изнесувала околу 9%.
Додека корисниците го напуштаа ChatGPT, преземањата на Claude, AI „четботот“ на Anthropic, забележа значителен пораст. Само во петокот преземањата на Claude пораснале за 37%, а во сабота за 51%. Причината е јасна: Anthropic јавно објави дека одбива да соработува со Пентагон, наведувајќи загриженост дека AI технологијата би можела да се користи за масовно следење на Американците и за целосно автономно оружје.
Реакцијата беше видлива и од другата страна. Преземањата на ChatGPT во САД паднаа за 13% во сабота, а трендот продолжи и во неделата со дополнителен пад од 5%. Иронично, пред објавувањето на договорот, преземањата на ChatGPT всушност растеа, со 14% само во петокот.
Claude на Anthropic го искористи моментот максимално. Апликацијата стигна до прво место на американскиот App Store во сабота и таму остана и во понеделникот. Тоа е скок од повеќе од 20 места во рангирањето во споредба со само една недела порано.
Ситуацијата покажува дека корисниците не се рамнодушни кога станува збор за тоа како ВИ компаниите ја позиционираат својата технологија. Одлуката на Anthropic да повлече „црвена линија” околу воената употреба очигледно резонираше кај дел од јавноста, додека OpenAI сега се соочува со последиците од тоа што многумина го перцепираат како ставање на профитот пред принципите.









































