Фото: Shutterstock.com

После одложувањето на новата верзија од Siri минатата година, со функции кои беа презентирани уште во 2024, мислам дека најновата информација ќе ги изненади едни, но ќе биде целосно очекувана за други. 

Според информации кои ги објави Марк Гурман, Apple повторно наидува на проблеми при развојот, иако сега ги користи Gemini јазичните модели, па новата верзија од Siri изгледа повторно ќе биде одложена. 

Ова значи дека новата верзија од Siri, таа која ќе овозможи овој асистент да има пристап до апликациите, како и до екранот на корисникот, со што ќе може да извршува многу повеќе и посложени функции, нема да биде подготвена за пуштањето на iOS 26.4, како што беше планот. 

Сега Гурман информира дека овие функции може да се очекуваат со iOS 26.5 во мај, а дел од нив можно е да бидат одложени и целосно за наредната верзија од системот, односно iOS 27. 

Ако ова ви звучи познато, тоа е затоа што слични објави имавме и минатата година кога дојде до целосно одложување на новите Apple Intelligence функции. 

Сепак, оваа година не би требало да дојде до целосно одложување, па според информациите кои ги има Гурман, проблемите кои се имаат појавено се поврзани со точноста на информациите кои ги дава Siri, како и насочувањето кон ChatGPT, како што е сега, иако новите јазични модели со Gemini можат целосно да ја извршат задачата. 

Siri со овие подобрувања, покрај поголемите новини, ќе може да одговара на повеќето прашања, а не како сега само да направи пребарување на интернет или да му понуди на корисникот да го добие одговорот од ChatGPT. 

Во Siri исто така се најавува дека треба да биде вградена и можноста за креирање на слики преку Image Playground апликацијата на Apple, која своите способности за слики ги „позајмува“ и во други апликации од компанијата. 

Ќе видиме што дефинитивно ќе се случи и оваа година со Apple Intelligence, но мислам дека во најлош случај сите новини ќе дојдат со iOS 27 во септември.