Фото: OpenAI

OpenAI без официјална најава ја пушти посебната страница ChatGPT Translate, алатка за директно преведување помеѓу различните јазици користејќи ги истите ВИ модули што ги користи ChatGPT. Ова не е класична надградба во рамките на ChatGPT, туку самостојна интернет страница на која корисниците можат да прикачат текст и да добијат превод веднаш.

Она што ја прави интересна е способноста да се „насочи“ преведената реченица, односно, да се побара текстот да звучи повеќе „бизнис-формално“, поедноставно, или прилагодено за деца или академска публика. Ова е нешто што традиционалните алатки, како Google Translate, не го прават на ист начин.

Интерфејсот е многу познат, односно има две полиња, едно за пишување или прикачување на оригинален текст и друго за излезниот превод, со избор на јазици. OpenAI тврди дека поддржува превод на преку 50 јазици и дека има автоматско препознавање на внесениот јазик. 

За жал, во оваа верзија не е достапен македонскиот јазик, иако ChatGPT има „способност“ да преведува од нашиот јазик. За корисниците изгледа Google Translate останува најдобар избор моментално поради тоа. 

ChatGPT Translate сѐ уште не е целосно функционална алатка, односно иако стои дека може да се преведува и од слики, моментално таа функција не е достапна. Исто така, оваа алатка е достапна само преку веб, односно не е достапна како посебна апликација.

Изгледа затоа OpenAI уште не ја промовира оваа алатка, па со тек на време може да се очекува целосно функционирање, а се надеваме и повеќе јазици.