Поголемиот дел од апликациите од Microsoft кои доаѓаат заедно со Windows, добија некаква поголема или помала надградба со Windows 11, а и во текот на годините потоа.
Тоа не беше случајот со Sticky Notes, апликација која можеби не е до толку важна, но е корисна, а посебно по поврзувањето со „облакот“ и можноста за отворање на белешките од било кој уред.
Од компанијата, поточно преку X профилот на апликацијата, најавија дека може да се очекува поголема надградба. Најавата е кратка и очигледно наменета за привлекување внимание, па нема ни најмал детаљ за што е тоа што можеме да го очекуваме.
Единствено што можеме да претпоставиме е дека и во оваа апликација ќе ја видиме интеграцијата на генеративната вештачка интелигенција, а тоа воопшто не чуди кога ќе се земе во предвид каде се не беше тоа случајот.
Сигурно може да се очекува и по уште некоја дополнителна промена, како кај изгледот, така и кај некои нови функции, но верувам дека ВИ ќе биде главната новина.