За 60 годишнината од претставувањето на едно од најпознатите возила на минатиот век, Renault 4, од оваа француска компанија претставија модерна верзија од овој модел која единствениот начин на движење и е преку летање.

Renault AIR4 е концепт возило кое е направено во еден примерок и во периодот што следи ќе се користи за презентации. Возилото е целосно инспирирано од старото Renault 4 и ако се тргнат на страна пропелерите, може да се забележи сличноста.

За дизајнот и изработката на AIR4, Renault соработува со компанијата TheArsenale од Мајами, САД. Изгледот на возилото слободно може да се каже дека е како еден голем дрон на кого е поставено возилото.

Целото возило е изработено од јаглеродни влакна, што е и доста важно поради малата тежина на овој материјал, нешто што е клучно поради можноста за летање на AIR4.

Посебно интересен е концептот на влегување во AIR4, преку подигање на целиот горен дел од возилото кон предната страна.

Дрон делот од AIR4 е составен од четири пропелери кои имаат сила да подигнат до 380 килограми, односно по 95 килограми од пропелер. Висината до која може да лета ова возило е 700 метри, а може да полетува со брзина од 14 метри во секунда, но од безбедносни причина оваа брзина е ограничена на 3 м/с.

За наредните години се најавува дека Renault планира да претстави ново електрично возило направено со дизајнот на Renault 4, па дизајнот на ова возило изгледа е показател за што може да се очекува.