img_5756-0

Facebook постојано работи на подобрување на своите способности да прибере содржина и алгоритамски да „сфати“ што има во неа. Неговите алгоритми автоматски препознаваат лица кога некој ќе ве означи и потоа ве предложуваат, а за да им успее овој алгоритам намерно не постои опција да забраните некој да ве означува – туку можете само да се избришете после тоа.

Сега, под капата на „да им се помогне на слепите и другите онеспособени лица“ Facebook работи на алгоритам за препознавање на содржината во сликите. Еден од главните инженери е првиот слеп инженер во оваа компанија, Мет Кинг. Според него, кога е на Facebook, тој не може да разбере што има во сликите околу кои се коментира. Софтверот кој му чита што има на екранот може да ги прочита елементите и коментарите на луѓето, но тоа не е доволно да се сфати за што се прави муабет во многу случаи.

Со новиот алгоритам ова се постигнува. Иако не е се` уште на 100% точност, тој е доволно способен за да даде генерална слика за сликата. На пример, алгоритмот ќе каже: „На сликата можеби има луѓе, двајца, едно дете, дрво, трева“ и така натаму (секако, запазете на зборот „можеби“ како начин на избегнување правничка одговорност).

Ова е работа на синтетичка интелигенција кога има реална примена. Развитокот на ваква интелигенција ќе им помогне на инвалидизираните лица, но секако нема да му биде на одмет на Facebook кој постојано сака да црпи информации од тоа што го споделувате (најчесто за да ви сервира реклами, но и за други, нетолку етички намери).

Извор: TechCrunch, The Drum

Претходна статијаНаучниците можеби пронајдоа доказ за вонземска суперструктура
Следна статијаDell ги претстави новите професионални Precision лаптоп и десктоп компјутери