Изминатиот период Facebook покажа дека покрај за други содржини, сака да стане и главно или барем едно од главните места за видео содржина. За таа цел тие воведоа низа на нови функции кои што треба да ги мотивираат корисниците да ја прикачуваат својата видео содржина директно на социјалната мрежа, наместо на други сервиси како на пример YouTube.
Ова можеме да забележиме дека се покажа како успешно, а за тоа се што треба е да ја погледнеме нашата листа со новости која што се почесто вклучува видеа кои што автоматски се вклучуваат, се разбира доколку не ја исклучите оваа функција.
Од компанијата оваа недела излегоа со информација за дополнителни функции кои што се тестираат и ќе бидат воведени за корисниците во месеците што следат.
Корисниците на iPhone ќе добиваат препорачани видеа кога гледаат видео, а до нив ќе можат да дојдат со лизгање надоле под видеото кое што во моментот го гледаат. Според Facebook, оваа функција го има зголемено бројот на прегледани видеа на корисниците, па по тестирање на ограничен број на корисници, ја пушта функцијата на повеќето iPhone корисници.
Друга функција која што ја тестираат од Facebook, а која што дополнително ќе го зголеми притисокот кон конкурентите е посебниот дел за видеа. Оваа функција исто така на почетокот ќе биде тестирана на ограничена бројка на iPhone корисници кои што ќе забележат Videos копче во средината на долната лента.
Овој посебен дел ќе биде пополнет со листа на видео содржина од пријателите, страните кои што ги следите, како и видеата кои што се зачувани за гледање подоцна што претставува исто така нова функција. Посебниот дел со видео содржина ќе биде тестиран и на веб, како и на Android апликацијата во месеците што следат.
Уште една интересна нова функција која што потсетува на YouTube апликацијата е можноста за минимизирање на видеото кое што го гледате во мала „лебдечка“ форма. Со тоа се добива можноста за разгледување на листата со новости во исто време додека видеото е пуштено.
Промените кои што ги најавува Facebook може слободно да се каже дека ќе привлечат поголем дел на корисници да гледаат видео содржина преку оваа социјална мрежа, страна на која што и така го поминуваат голем дел од денот.
Извор: Facebook