Facebook најави дека воведува нова функција на социјалната мрежа која што треба дополнително да ја зајакне вашата приватност, како и довербата во овој онлајн сервис каде корисниците објавуваат скоро се за нивните животи.
Од компанијата истакнуваат дека доколку тие сметаат дека вашата Facebook сметка е цел на напад од страна на властите, веднаш ќе бидете известени и ќе ви биде препорачано да ја вклучите Login Approvals функцијата. Оваа функција овозможува дво степена верификација при најавување преку внесување на дополнителен код кој што го добивате преку Facebook апликацијата или преку SMS порака, секогаш кога ќе се најавите од нов уред или прелистувач.
Како тие ќе откријат дека вашата сметка е цел на напад не истакнуваат, односно кажуваат дека тој дел сепак ќе го задржат за себе поради заштита на нивните методи и процеси на откривање.
Исто така, од Facebook истакнуваат дека откривањето на пробивање или обид за пробивање на сметката, не значи пробивање на нивните системи, тука за присутност на малициозен софтвер на компјутерот на корисникот. Поради тоа и во самото известување стои дека покрај Facebook сметката и другите онлајн сметки може да се цел на напад.
Мора да се признае дека ова е интересен додаток на социјалната мрежа која во текот на годините има направено доста за контролата на приватноста и безбедноста на корисниците. Сепак, многу луѓе веруваат дека со самото креирање на Facebook сметка, веќе слободно можете да се откажете од вашата приватност, па не сме сигурни дали воведувањето на вакви нови функции треба да се сфати сериозно или како маркетинг потег.