Facebook оваа недела излезе со информација за неколку новини поврзани со една од најважните за нив работи, рекламите.
Тие истакнуваат дека со оглед на фактот дека рекламите се нивниот главен извор на финансии, ќе почнат да ги прикажуваат истите дури и кога корисникот користи некоја од достапните Ad Block екстензии на прелистувачите.
Овој потег го оправдуваат и со објаснувањето дека повеќето корисници користат блокери поради желбата да ги блокираат „лошите“ реклами, односно рекламите кои и сметаат на содржината, го забавуваат отворањето на страната, како и реклами кои не им се важни.
Овој проблем тие сметаат дека го решаваат со втората новина поврзана со рекламите на социјалната мрежа.
Корисниците ќе имаат поголема контрола врз тоа кои реклами ќе им бидат прикажувани. Покрај досегашната можност одредена рекламата да биде избрано веќе да не биде прикажувана, корисниците сега имаат целосна контрола врз интересите кои Facebook ги има поврзано со нив.
Тоа значи дека преку ad preferences страната корисниците можат да ги видат сите нивни интереси, произлезени од страните кои ги лајкуваат и слично. Овие интереси потоа може да бидат тргнати, со што веќе нема ни да добиваат реклами од таа категорија.
Како веб страна која живее од реклами, мораме да се сложиме со одлуката на Facebook, колку и да изгледа наметлива од нивна страна. Повеќето интернет бизниси кои работат со содржина функционираат на база на реклами, па нивното блокирање е сериозен проблем. Затоа на Смартпортал се грижиме рекламите кои што се прикажуваат да не сметаат на корисничкото искуство, односно досега немаме поставено реклама која се појавува над содржината и слични примери.
Извор: Facebook