На првиот ден од F8 конференцијата, односно вчера, Facebook го претстави Messenger како платформа. Ова е нешто кон коешто веќе подолг период се оди, а подразбира дека Messenger станува многу повеќе од обичен сервис за испраќање на пораки помеѓу Facebook пријателите.
Како дел од платформата, Facebook ја претстави поддршката за ботови. Тие претставуваат автоматизирани компјутерски генерирани „личности“ кои работат на база на вештачка интелигенција.
Ботовите се наменети да се користат од страна на програмерите, односно бизнисите кои на овој начин ќе можат да добијат дополнителен канал за комуникација со своите клиенти. Тие можат да прават резервации, нарачки, да ја добијат временската прогноза, да ги следат своите нарачки, да ги добиваат најновите вести и многу повеќе.
Корисниците ќе можат да ги пребаруваат достапните ботови во Messenger и да започнат разговор со нив. Идејата е да комуникацијата со ботовите се одвива исто како со вистинска личност, а искуството ќе покаже како тоа ќе биде во пракса. Од наше искуство, разговорот со ботови може да се покаже како многу поедноставен и ефикасен во споредба со одредени вистински личности во компаниите.
На вчерашната конференција Facebook прикажа два бота кои се достапни веднаш, односно од CNN и американска цвеќарница 1-800-Flowers. На презентацијата можеше да се види како корисниците можат да направат нарачка на цвеќиња преку Messenger, односно како можат да ги добијат најновите и важни вести од CNN.
Извор: Facebook, TechCrunch, The Verge, Ubergizmo