fb-sc-paris

За време на терористичките напади кои што се случија во Париз овој викенд, Facebook реши да ја вклучи нивната Safety Check алатка за првпат кога не се работи за природна непогода.

Оваа алатка беше претставена пред нешто повеќе од една година и беше инспирирана од цунамито во Јапонија кое што ја предизвика една од поголемите нуклеарни катастрофи во последно време. Идејата има дојдено од популарноста на оваа мрежа, поточно големиот број на корисници кои што решиле да ги известат своите најблиски дека се во ред, токму преку Facebook.

За да го олесни и забрза целиот процес на известување, а и да се осигура дека пријателите ќе го видат, Facebook ја претстави Safety Check алатката која што ја вклучува во одредени области каде што се има случено некоја природна непогода.

Ова правило за првпат беше прекршено или сменето можеби е подобар израз, овој викенд за време на случувањата во Париз. Како што би се очекувало, голем број на луѓе, наместо да го пофалат овој потег кој што е навистина корисен, па и да предложат тоа да стане практика и на други места во иднина, започнаа со огромни критики зошто тоа не бил случајот и во скорешните напади во Бејрут.

Одлуката на Facebook да ја вклучи алатката токму во Париз, сигурно им е јасна на сите. Се работи за западен град каде што вакви случувања не се секојдневна појава. Исто така, без разлика како звучи тоа, факт е дека промените секогаш започнуваат кога ќе се случи нешто што предизвикува најголема медиумска покриеност, а Париз секако спаѓа во тој тип на случувања.

Како и да е, од Facebook истакнаа дека тие не сметаат дека Париз е поважно место од било кое друго место на планетата. Алатката првенствено била наменета за природни непогоди, но од последните случувања решиле да ја прошират и за непогоди предизвикани од човекот.

Тоа значи дека ова не било еднократно вклучување надвор од намената на алатката, туку ќе стане нормална практика, па и во места како Бејрут.

Извор: Huffington Post, Mark Zuckerberg

Претходна статијаMicrosoft ја претстави Office Insider програмата и воедно претстави две нови PowerPoint функции
Следна статијаGmail со уште една мерка за посигурна комуникација
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.