Geofeedia е нова платформа која што во изминатиот период е поддржана со 3,5 милиони долари од инвеститори. Се работи за платформа која што врши еден вид на агрегација, собирање и групирање на сите јавни објави од корисниците на повеќе социјални мрежи од одредена локација. Корисниците на овој платен сервис, преку избирање на локацијата, добиваат листа од сите објави на социјалните мрежи кои што потоа можат подобро да ги филтрираат преку клучни зборови и слично. Социјалните мрежи кои што се поддржани во Geofeedia се Facebook, Twitter, Instagram, YouTube, Flickr и други.
Сервисот е наменет како за властите, така и за компаниите, новинарите, маркетинг и бренд експертите и слично. Од компанијата покажуваат пример како нивниот сервис може да се користи. Па така, еден од примерите покажува како може да се следат сите објави на социјалните мрежи на улица во New York каде што во моментот се одржува собир против случувањата во Израел и околината. Корисникот на платформата, се што треба е да ја избере локацијата која што сака да ја следи, по што ќе му бидат прикажани сите објави од истата.
Локацијата може да биде избрана преку внесување на точна адреса, преку местење на мапата каде што сакате, а исто така можете и точно да ја нацртате локацијата од која што сакате да ги добиете информациите. Потоа, информациите, односно објавите од социјалните мрежи ви се прикажани на екранот, а можете да продолжите да ги пребарувате и по одредени клучни зборови или други филтри. Добиените информации за одредена локација можете да ги архивирате, преведувате, зачувате во одреден фајл, следите, филтрирате, да креирате анализи, да добивате нотификации кога ќе се случи нешто кое што го имате поставено како услов, односно клучен збор.
Ова е навистина корисна алатка за тие кои што би ја користеле, меѓутоа е уште еден фактор кој што го покажува нивото на приватност кое што го имаме во ова време на интернет, технологии, социјални мрежи и слично.