Содржината на интернет се повеќе се чита преку мобилните уреди, а овој тренд само ќе продолжи да се зголемува во иднина.
Повеќето веб страни, иако прилагодени за нивно прегледување преку мобилните прелистувачи, сепак се’ уште многу често бавно се отвораат. Ова го имаме забележано повеќето од нас, а истото се гледа дека е до веб страните зошто истите се бавни дури и кога се користи брза 4G или Wi-Fi мрежа.
Google оваа недела го претстави Accelerated Mobiles Pages или AMP на кратко, проект кој што има за цел да го реши овој проблем со мобилните веб страни.
AMP е направен да биде со отворен код и е достапен на GitHub, па сите заинтересирани корисници можат да го имплементираат. На почеток од Google најавија неколку поддржувачи на проектот како што се WordPress.com, Twitter, Pinterest, LinkedIn и други.
Во основа овој проект работи со користење на AMP HTML во комбинација на систем за кеширање на содржината. Направен е да функционира и со системите за реклами, нешто што се разбира е од голема важност за Google.
Издавачите на содржина кои што би се решиле да го имплементираат овој систем, користејќи го AMP HTML, ќе треба да применат одредени поставени правила кои што ќе овозможат веб страните да бидат направени со помалку компоненти.
Со други зборови, се работи за систем кој што овозможува изработка на полесни и поедноставни страни кои што многу побрзо би се отворале на мобилните прелистувачи. Во комбинација со систем за кеширање, отворањето на страните ќе стане скоро инстантно.
Важноста и популарноста на ваквите проекти може да се види и од вклученоста на други компании. Не толку одамна можевме да прочитаме за Instant Articles од Facebook, платформа која што им овозможува на издавачите на содржина, да ја постават својата содржина на Facebook серверите и со тоа да им овозможат на своите читатели многу побрзо отворање на истата од мобилните телефони и апликации.
Предноста на AMP од Google е во отвореноста и овозможувањето за користење на различни платформи, а не само од една, како што е примерот со Facebook.