Доколку сте активен корисник на сервисите во облакот кои што нудат простор за чување на фајлови, а конкретно Google Drive, во наредните недела дена можете да добиете дополнителни 2GB простор бесплатно. Овој дополнителен простор ќе биде дел од вашата сметка додека истата не ја затворите, односно нема рок на траење.
Дополнителниот простор Google го доделува на корисниците по повод Safer Internet денот кој што е денес, односно 10-ти Февруари 2015, а може да се добие до 17-ти овој месец. За да може да се добие овој простор, корисниците потребно е да ја поминат безбедносната проверка на нивната Google сметка, нешто што не треба да земе повеќе од 2 минути.
Безбедносната проверка ви овозможува да ги проверите информациите на вашата сметка како што се телефонскиот број, бекап email адреса, сигурносното прашање за пристапување на сметката доколку има некаков проблем, како и последните локации од каде што се имате најавено, дво факторската автентикација, апликациите кои што имаат пристап до вашата сметка и слично.
Може слободно да се каже дека не е лошо од време на време самите да ги проверувате овие информации, а доколку тоа не го правите, можеби 2-та гигабајти бесплатен простор на Drive ќе бидат доволна мотивација.
За да можете да го добиете бесплатниот простор потребно е успешно да ја завршите проверката, односно да ги внесете потребните информации доколку веќе ги немате. Успешноста на проверката е означена со зелени чек знаци кои што ќе ви бидат прикажани на крајот.
Дополнителниот простор се однесува само на обичните Google сметки, односно тој не може да го добијат корисниците на Google Apps for Work и Google Apps for Education.
Бесплатниот простор не го добивате веднаш, односно истиот ќе им биде доделен на сите корисници до крајот на месецот, а за истото ќе бидете известени преку email порака.
Извор: Google