
Twitter официјално ја доби можноста за измена на објавените „твитови“ во октомври минатата година. Оваа можност беше пуштена во ограничен број на земји, а и во нив е достапна само за Twitter Blue корисниците, очекувано со оглед на желбата да се наплаќа не само од рекламите.
Кога беше пуштена, можноста за измена на објавите беше ограничена на 30 минути, односно корисниците имаат рок од половина час во кој можат да ги направат измените, по што можноста веќе не е достапна.
Овој рок сега е зголемен на 1 час, па корисниците ќе имаат повеќе време да забележат некоја грешка или да додадат нешто што заборавиле.
Достапноста на оваа функција останува само за корисниците кои плаќаат, односно за корисниците на Twitter Blue, а ова би требало да остане така уште доста време. Можеби во иднина кога претплата ќе биде корисна и поради повеќе други функции, некои од нив би станале бесплатни.
Корисниците на Twitter Blue инаку добиваат и можност за објава на доста подолги објави, до 4000 карактери, како и познатата ознака која порано ги означуваше верификуваните сметки.