Facebook денеска претстави нова функција едноставно наречена Save, односно Зачувај. Достапна за корисниците на Android, iOS и на веб, Save ви овозможува да ги зачувате работите од вашата листа со новости и истите подоцна да ги прочитате. Можете да зачувате линкови, настани, места, музика, филмови, TV серии и слично. Зачуваните работи подоцна можете да ги видите преку посебната Saved (зачувани) листа која што автоматски е додадена на десната страна од Facebook на веб или во повеќе делот на мобилната апликација.
Save функцијата во денешно време на огромен број на споделени работи на Facebook навистина може да биде корисна. Кога ја прегледувате вашата листа со новости, сигурно не секогаш имате време да видите и прочитате се што е објавено од вашите пријатели или од страните кои што ги следите. Исто така, можеби сакате да зачувате одредена локација која што би сакале да ја посетите некогаш.
Листата на зачувани работи е едноставно направена и на неа работите се поделени според типот на зачувана работа, односно линкови, места, музика, книги, филмови, ТВ серии и настани. Зачуваните работи можете исто така да ги споделите со вашите пријатели или да ги архивирате, од каде што потоа ја имате и можноста за нивно бришење.
За да не заборавите да го отворите тоа што го имате зачувано во вашата листа, Facebook од време на време ќе ве потсетува со тоа што листата ќе ја прикажува на вашата листа со новости.
Facebook Save постепено ќе биде овозможена за корисниците во деновите што следат, па не се грижете доколку се’ уште не ја гледате.
Извор: Facebook