Google и Apple оваа недела потврдија дека имаат договорено соработка за користење на Gemini јазичните модели од страна на Apple за новата и понапредна верзија од Siri, како и за дел од Apple Intelligence функциите.
Информацијата не дојде како некое изненадување поради тоа што истата неофицијално беше најавувана повеќе месеци.
На објавата од Google за соработката на X, очекувано има што да каже Елон Маск, кој веќе има проблем со Apple кои ги обвини дека го фаворизираат ChatGPT на сметка на другите апликации, а посебно Grok.
Можам само да замислам каква била реакцијата на Маск кога прочитал дека Apple ќе ги користи Gemini јазичните модели, па повторно Grok останува на страна.
Сепак, објавата на Маск е кратка, па може да се каже и логична, односно не кажува ништо што не е точно.
Тој смета дека соработка личи како нелогична концентрација на моќ за Google, со оглед дека тие веќе ги имаат Android и Chrome.
Според информациите, Google во главно од оваа соработка би требало да добие пари, а наводно Apple ќе го задржи својот стил на функционирање и Google нема да добива информации за корисниците. Gemini јазичните модели ќе служат како основа за работата на Siri, а покрај локално, барањата ќе се извршуваат и преку Private Cloud Compute серверите од Apple.












































