Фото: АЕТМ

01.04.2026 – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТСМ на 31 март 2026 година го одржа своето Годишно собрание, во присуство на членови, партнери и соработници од бизнис заедницата и институциите.

На Собранието беа презентирани извештаите за работењето во 2025 година, како и планот и програмата за работа за 2026 година, кои беа едногласно усвоени од присутните членови.  Во рамки на дискусиите беше истакната важноста на развојот на е-трговијата и улогата на Асоцијацијата за е-трговија како клучен двигател на овој процес во земјата. 

„Е-трговијата бележи континуиран раст. Во 2025 година се реализирани онлајн трансакции вредни 950 милиони евра, што претставува годишен раст од 32%. Ова е јасен показател за зголемената доверба во онлајн купувањето, растот на понудата и развојот на дигиталните плаќања, но и поттик да продолжиме со унапредување на условите за понатамошен раст.“ – посочи претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Ангеловска Станков, во своето поздравно обраќање.

Поздравно обраќање имаше и м-р Елена Петрова, директорка на Управата за јавни приходи, која ја истакна важноста на институционалната поддршка и дигиталната трансформација за развојот на економијата.

„Дигитализацијата на фискалните процеси е клучна за понатамошен развој на е-трговијата и за создавање фер и транспарентен пазар. Како институција, остануваме посветени на изнаоѓање практични и лесно применливи решенија за е-фискализација, во тесна соработка со бизнис заедницата. Нашата цел е да овозможиме раст на секторот, притоа намалувајќи ја сивата економија и зајакнувајќи ја довербата кај потрошувачите” – изјави м-р Елена Петрова, во своето поздравно обраќање.

Фото: АЕТМ

Пред работниот дел од Собранието, за членовите беше организирана и презентација од страна на претставници на Народната банка на Република Македонија за придобивките, практичните аспекти и предизвиците за компаниите од членството на земјата во СЕПА при што беше истакнато значењето за унапредување на платежната инфраструктура, олеснување на прекуграничните трансакции и поголема интеграција на домашните компании на европскиот пазар.

На Собранието беше и официјално најавено 9-тото издание на регионалната конференција за е-трговија, кое ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет, а се очекува да собере повеќе од 900 учесници од целиот Западен Балкан.

Дополнително, на Собранието беа презентирани и активностите на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, подружница на АЕТСМ, при што беше истакнато дека во 2025 година се реализирани бројни иницијативи за унапредување на родовата еднаквост, а за 2026 година е најавено и 5-тото јубилејно издание на конференцијата EqualXchange, кое ќе се одржи на 19 мај.

АЕТСМ и во наредниот период ќе продолжи активно да придонесува кон унапредување на е-трговијата, деловното окружување и регулативата, во интерес на своите членови и развојот на секторот.

Во фокусот на асоцијацијата ќе останат унапредувањето и проширувањето на понудата во е-трговијата и придружните индустрии, зајакнувањето на дигиталните вештини, градењето стратешки партнерства за раст, намалувањето на сивата економија, како и продлабочувањето на соработката со институциите преку јавнo-приватен дијалог и развојот на дигиталните плаќања.

Значаен фокус ќе биде ставен и на јакнење на регионалната соработка и поттикнување на прекуграничната е-трговија, со цел подобра интеграција на домашните компании на регионалните и европските пазари.