Според информации на неколку странски весници и портали, Google планира да стане виртуелен мобилен оператор. Тоа значи дека тие ќе ја користат мрежата на други оператори за да понудат сопствен сервис. Во овој случај тие треба да ги користат мрежите на Sprint и T-Mobile, а според информациите тестирањата се веќе во тек, а сервисот треба да се очекува да биде понуден на корисниците во текот на оваа година.
Проектот е наречен Nova и Google планира да добие неколку работи од влегувањето во овој бизнис. Според едни, тие можат подобро да го контролираат корисничкото искуство на Android, наместо да чекаат од операторите да се прилагодат на одредени барања.
Според други информации, Google планира да понуди доста ниски цени и одредени пакети кои што треба да влијаат генерално на пазарот. Sprint наводно има вклучено клаузула во договорот која ги штити со тоа што си даваат можност да преговараат за условите дополнително доколку сервисот на Google привлече поголем број на корисници.
Се поставува прашањето колку би можеле Google да направат поголема промена користејќи туѓа мрежа. Операторите кои што ја поседуваат мрежата мали се шансите да дозволат некој да им влијае значително на бизнисот, освен ако Google не се спремни на некој начин да им надоместат за истото.
Google веќе може да се види дека инвестира во комуникациите преку неколку проекти во кои што се вклучени. Тие во САД на неколку тест места развиваат оптичка мрежа за интернет со големи брзини, а прилично ниски цени. Исто така, тие како и Facebook, работат на донесување на интернет пристап до земјите во развој преку разни беспилотни летала.
Извор: The Verge, Engadget, TechCrunch