Microsoft изминатиот период покажа дека е компанија со нови политики и стратегии во работењето. Тоа слободно може да се каже дека во главно е изнудено од слабиот успех на мобилниот пазар, со што дојде до суштински промени во компанијата од поставувањето на Сатја Надела на главната позиција.
Новата стратегија покрај другото, вклучува поголема отвореност на компанијата кон другите компании и платформи. Microsoft веќе не развива ексклузивно за нивниот оперативен систем, туку активно развива за другите најпопуларни платформи, односно Android и iOS.
На овие платформи Microsoft ги направи достапни своите познати сервиси, а веќе често почна да купува и други компании чии што тимови и сервиси станаа дел од компанијата. Со тоа Microsoft стана сериозен конкурент на пазарот на сервиси и апликации на сите платформи.
Оваа недела Microsoft повторно купи компанија, во овој случај која што работи на развој на апликација за iOS наменета за комуникација и соработка помеѓу тимови. Апликацијата го носи името Talko и нејзината технологијата ќе биде насочена кон развој на Skype.
Од компанијата истакнуваат дека сепак не е лесно да се успее на светскиот пазар, па тие се имаат одлучено да станат дел од Microsoft со што ќе помогнат во развојот на нивните сервиси.
Talko како апликација ќе престане да се развива и ќе биде исклучена до март 2016 година.
Основачот на компанијата е Реј Ози кој што веќе беше дел од Microsoft при купување на неговата прва компанија. Тој го напушта Microsoft за да работи на развојот на Talko, а овој пат нема повторно да стане дел од неговата стара компанија.
Со оглед на конкуренцијата која што ја добива Skype, купувањето на компанија која што развива корисни функции за овој вид на корисници е логичен потег. Skype, како и Skype for Business ќе може подобро да конкурира, а со тоа да ја задржи својата позиција.
Skype веќе се користи од страна на компаниите, меѓутоа со излегувањето на нови сервиси кои што нудат повеќе можности за групна комуникација, тимовите се почесто се одлучуваат за таквите алтернативи.