За корисниците кои што ги следат новите верзии од оперативниот систем на уредот кој што го користат, една од најиритирачките работи е чекањето одредена надградба да биде одобрена од операторот.
Кога компаниајта која стои зад развојот на системот ќе претстави нова верзија, некои корисници чекаат со месеци оваа верзија да биде достапна за нивниот уред. Најчесто проблемот е во времето потребно самиот производител да ги направи потребните тестирања, но и операторите кои што треба да се погрижат дека надградбата нема да предизвика проблеми на уредот во неговата основна работа, а тоа е правењето телефонски повици.
Можеби оваа ситуација им е најмногу позната на корисниците на Android оперативниот систем. Apple корисниците од друга страна можат да се пофалат со добивање на надградбите веднаш по овозможувањето на истата од страна на Apple.
За корисниците на Windows, поточно Windows Phone, може да се каже дека се наоѓаат некаде во средина од ситуацијата на другите платформи. Можеби чекањето не е секогаш со месеци, меѓутоа ретко кој ја добива новата надградба веднаш по пуштањето од страна на Microsoft.
Во еден дел од текстот на Ignite блогот од Microsoft, може да се види најава дека тие планираат целосно да го преземат процесот на надградби. Тоа значи дека корисниите ќе можат да ги очекуваат надградбите веднаш по нивното претставување, односно пуштање за јавноста.
Операторите сепак нема да бидат оставени сами на себе. Тие ќе ги добиваат надградбите во фазата на тестирање, па ќе можат да ги направат сите потребни тестирања пред тие да бидат пуштени за корисниците.
Ваквиот начин на работа дефинитивно ќе го подобри корисничкото искуство кое што досега им беше познато најмногу на корисниците на Apple.
Инаку оваа практика ќе започне по пуштањето на Windows 10, што значи дека корисниците повторно ќе треба да чекаат повеќе за да го добијат овој оперативен систем. За некои корисници тоа ќе биде дури идната година, а некои можеби и нема да го дочекаат истото, па ќе купат нов уред.
Извор: ZDNet