Во основното училиште „Гоце Делчев“ во Илинден утре (24 април) ќе се одржи едукативна работилница наменета за родителите од оваа општина, како и за тие од Петровец. Оваа средба, како и досегашните, е отворена за сите заинтересирани родители од двете скопски општини. Активноста се одвива во рамки на опшествено одговорната кампања на „Макпетрол“ – „Стоп за булинг“. Почетокот е закажан за 18 часот. На работилницата за стручната страна на проблемот ќе биде задолжен психологот Деспина Стојановска, а водител ќе биде актерот Сашко Коцев.

„Макпетрол“ организира 12 работилници од овој тип за родители од општините што ја поддржаа кампањата „Крени глас против врсничко насилство“. Проблемот со булингот беше тема на која што разговараа родителите од Бутел и Чучер-Сандево, потоа од Битола, Ѓорче Петров, Кавадарци (со Демир Капија), Крива Паланка. Работилници се одржаа и во Штип, каде што учествуваа граѓани и од Свети Николе, во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, која беше наменета и за граѓаните од Виница и од Берово. 

Македонската компанија ги организира овие средби со цел родителите отворено да разговараат и подетално да се информираат за врсничкото насилство. Преку размена на искуства со психологот, како и со претставници од стручните служби од училиштата, родителите имаат можност да создадат појасна слика за овој проблем што сериозно ги засега децата и учениците. Во текот на работилниците, врсничкото насилство се анализира од повеќе аспекти, а присутните имаат прилика и самите да споделат доколку се соочиле со оваа негативна појава.

„Крени глас против врсничко насилство“ е општествено одговорна кампања на „Макпетрол“ која што повеќе од една година со најразлични активности придонесува да се разговара и да се изнаоѓаат решенија за овој проблем. Нејзината вредност ја препознаа и ја поддржаа 26 општини со кои што компанијата потпиша меморандуми за соработка. Во првата фаза од кампањата беа организирани и работилници за ученици во над 150 основни училишта. На интернет-страница kreniglas.mk, која што е носечка платформа на кампањата, има голем број информации, како и едукативни прирачници за врсничкото насилство.

Општествената одговорност е стратешки приоритет на којшто „Макпетрол“ со сериозна посветеност работи низ годините. „Крени глас против врсничко насилство“ има за цел да поттикне поголем интерес во јавноста за проблемот со булингот, како и да придонесе да се изнајдат долгорочни решенија. Младите и во иднина ќе завземаат значаен дел од општествено одговорните активности на македонската компанија.

Претходна статијаМинималниот простор за податоци кај Android 15 се зголемува на 32GB
Следна статијаБиди дел од најголемиот спортски настан во Македонија – волонтирај на ЕМОФ Скопје 2025