Скопје, 7 април, 2025 — Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) официјално го објави четвртиот повик за изразување интерес, повикувајќи конзорциуми составени од установи за стручно образование и обука и претпријатија од сите шест економии на Западен Балкан да се пријават за финансиска поддршка насочена кон развој на вештини и зајакнување на конкурентноста на бизнисите во регионот.

Се охрабруваат установите за стручно образование и обука, во партнерство со најмалку три претпријатија да ги поднесат своите пријави најдоцна до 6 јуни 2025, година, 23:59 часот. Успешните проекти ќе добијат пристап до грантови наменети за инвестирање во современа опрема, подобрување на инфраструктурата и програми за учење преку работа.

„РЦФ им овозможува на спроведувачите на обуки да ги подготват работниците со вештини што им се потребни на бизнисите – придонес со долгорочни придобивки за целиот регион на Западен Балкан“, истакна Давид Пиегазки, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (ЗБ6-КИФ).

44 милиони евра се веќе одвоени за развој на вештини во регионот

Од неговото воспоставување, РЦФ има добиено повеќе од 450 пријави и поддржано 99 проекти со приближно 44 милиони евра инвестиции во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија.

Фондот е инициран од Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), кое обезбеди 64,43 милиони евра, а Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кофинансираше дополнителни 10 милиони евра. Средствата се доделени на Германската развојна банка (KfW), а проектот го спроведува Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (ЗБ6-КИФ).

Нови алатки за размена на знаења: Лансирана платформата Net4VET

Четвртиот повик беше објавен за време на онлајн настанот „Регионална размена на знаења: Овозможување развој на вештини за трансформација на бизнисот“, одржан на 7 април, 2025 година.

Покрај најавата на четвртиот повик, РЦФ ја претстави и Net4VET – специјализирана онлајн платформа за размена на знаења, наменета за поврзување на бизнисите, спроведувачите на стручно образование и обука и другите релевантни чинители.

„Горди сме што ја претставуваме Net4VET – простор развиен да ја поттикнува размената на добри практики, успешни приказни и иновативни модели на обука од целиот регион“, изјави Фридер Верман, раководител на Единицата за управување со Фондот на РЦФ.

Потенцијалните кандидати се охрабруваат да ја истражат платформата Net4VET и да се запознаат со проектите кои се веќе финансирани, да откријат иновативни модели на соработка и да пристапат до ресурси поврзани со развој на човечкиот капитал во областа на стручното образование и обука во Западен Балкан 6.

Како да се пријавите

Конзорциумите на установите за стручно образование и обука и претпријатија можат да најдат детални информации за критериумите за подобност, процедурите за пријавување и упатствата за поднесување на следниот линк.

Целосен распоред на претстојните онлајн информативни сесии во сите економии на Западен Балкан 6, заедно со линковите за регистрација, е достапен овде.

За Регионалниот фонд за предизвици

Регионалниот фонд за предизвици претставува финансиски инструмент што ја зајакнува врската меѓу стручното образование и потребите на пазарот на трудот во Западен Балкан. Со грантовите кои се доделуваат преку натпревар, се поддржуваат проекти за дуално и кооперативно образование и обуки чија цел е да се намали јазот помеѓу образованието и вработувањето, да се зголеми вработливоста на младите и да се поттикне економскиот раст во регионот.

Претходна статијаInstagram изгледа конечно ќе добие iPad верзија
Следна статијаЗапочна Chefs de Mission семинарот во Скопје како дел од подготовките за ЕМОФ Скопје 2025