Оваа сабота се оддржа првиот јавен „Ден за демонстрација“ каде стартапите кои поминаа низ пред-акцелераторската програма на Сеавус Инкубатор ги презентираа своите бизнис идеи пред инвеститори, бизнис ангели, фондови на разичен капитал, технолошки развој и иновација.
Пред-акцелераторската програма, која беше дизајнирана и имплементирана од Сеавус Инкубатор, имаше за цел да ги подготви претприемачите и стартапите за изработка на прототип, рана промоција на производ или финансирање. Вкупно 21 тим зема учество во 8-неделната програма, при што оние стартапи кои бараа инвестиции, застанаа на сцена за да ја „продадат“ својата идеја на заинтересираните инвеститори. Судиите, меѓу кои беше и Алан Шаф, основач и извршен директор на IMGUR, ги избраа најдобрите три тимови: Гордијан Системи, Системс фор ентерпрајс и Резервирај.мк.
„Денот за демонстрација“ беше организиран од Сеавус Инкубатор, а подржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Свисконтакт и Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус.
Според г. Стефан Томаџан, Заменик шеф на мисија во Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, во Македонија има претприемачки потенцијал кој не е целосно искористен . „Швајцарија е целосно посветена на поддршка на претприемништвото во Македонија, и преку разни активности ги поддржуваме акцелераторите и инкубаторите со цел да понудат подобри и поразновидни услуги на претприемачите. Ги поддржавме Сеавус Инкубаторот во дизајнирање и спроведување на пред-акцелераторската програма каде претприемачите се здобија со знаења и деловни вештини за да ги подготват своите стартапи за рана промоција на нивните производи или за обезбедување на финансиски средства“, изјави Стефан Томаџан.
На овој настан му претходеше неколкудневна директна менторска активност на основачот на IMGUR Алан Шаф во пред-акцелераторската програма, директна работа со старт-ап компаниите како и пренесување на своите искуства и знаења на локални тренери кои во иднина треба да ги користат во активностите на и Сеавус Инкубаторот.
***
Сеавус Инкубатор е мултифункционален простор кој е посветен на поддршка на претприемачи и стартапи кои работат во областа на информационите технологии. Во Инкубаторот се менторираат идеи, се обезбедува инфраструктура и ресурси за успешен раст и развој на компаниите.
Сеавус Инкубатор е најголемиот општествено одговорен проект на Сеавус, интернационална компанија за развој на софтвер и консалтинг услуги со докажано искуство во успешни бизнис софтверски решенија. Сеавус брои преку 650+ ИТ специјалисти ширум светот и нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, успешно покривајќи го европскиот и американскиот пазар преку неколку канцеларии и претставништва во светот.
***
Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од Swisscontact, и ПРЕДА Плус. Програмата работи во три сектори: туризам и угостителство, зелена економија и креативни индустрии и има за цел повеќе работоспособни мажи и жени, особено младите, да бидат ангажирани во одржливо, пристојно вработување или само-вработување и/или да заработуваат повисоки примања.