Фото: Shutterstock.com

Кога неколку пати можеме да прочитаме за одредена неофицијална информација, веќе со сигурност истата може да се смета за скоро сигурна дека ќе се оствари. Ова посебно важи кога на информациите ќе се приклучи и Марк Гурман од Bloomberg. 

Се работи за информациите дека Apple планира да го претстави досега најевтиниот MacBook кој ќе биде наменет да им конкурира на Windows лаптоп компјутерите од пониската класа, како и Chromebook компјутерите. 

Овој MacBook тоа ќе го постигне преку користење на чип од А серијата, односно од серијата која се користи кај iPhone. Со оглед на моќта која ја покажуваат овие чипови изминатите години, може да се очекува дека компјутерот ќе овозможи сериозна конкуренција. 

Според Гурман, Apple веќе го тестира овој уред и овие тестирања покажуваат дека лаптопот има подобри перформанси од веќе постариот MacBook Air со M1 чип. 

Покрај со користење на чип за iPhone, овој MacBook би ја постигнал пониската цена и со помал екран, под сегашната граница од 13,6 инчи кај MacBook Air, а исто така би користел нешто послаба LCD технологија. 

Овој MacBook ќе биде наменет за студентите, бизнисите и обичните корисници кои во главно го користат нивниот компјутер за разгледување веб страни, работа со документи и можеби основна работа со видеа. 

Apple засега не нуди производи кои се од пониската класа, па ова би претставувало промена на таа политика. Овој компјутер се очекува дека би чинел околу 600 долари, со што директно ќе влезе во конкуренција со целосно нов дел од пазарот за компанијата.