Развојот на технологијата, а посебно таа за мобилните уреди, овозможува намалување на уредите до претходно незамисливи големини. Денеска еден цел компјутер може да биде сместен во мало стикче и да го замени големиот десктоп, се разбира само за основни функции кои што не бараат голема процесорска моќ.
На веќе не толку малиот број на производители на PC on a stick уреди, се приклучи и францускиот Archos, познат за нашите корисници по евтините Android таблет компјутери. Тие го претставија Archos PC Stick кој што доаѓа со интересен дизајн и Windows 10 оперативен систем.
Големината на уредот изнесува 113 x 37,6 x 14 mm, а тежи 60g. Се разбира не може да се спореди со малите USB стикови, но се работи за навистина мал уред.
Цената на уредот кога ќе биде пуштен во продажба треба да изнесува само 99 долари, што е навистина мала цена за нешто што може да замени целосен десктоп компјутер за одредени корисници.
Се поврзува со монитор или телевизор преку HDMI портата, со што ги претвора овие уреди во целосни десктоп компјутери. Покрај USB портата за поврзување на глувче и тастатура, истите можат да се поврзат и безжично преку Bluetooth или RF.
Работи на четири јадрен Intel Atom процесор со 1,33 GHz и 2GB RAM меморија. За складирање на податоци се достапни 32 GB, а достапен е и microSD слот за нејзино проширување.
Фактот што работи на Windows 10 значи дека работата треба да биде прилично брза поради оптимизацијата на оперативниот систем за разни уреди, а посебно и мали таблет компјутери. Покрај стандардните програми, корисниците ја имаат на располагање и продавницата за апликации која што се очекува да стане доста подобра со излегување на Windows 10.
Ваквите уреди може да се покажат како навистина корисни во дневната соба во домовите. Корисниците можат многу лесно и без заземање на простор да имаат целосен компјутер кој што може да го користат за гледање на филмови, како и вршење на одредени работи преку интернет прелистувач или Office апликациите.