Очилата на Microsoft за изменета реалност се едно од највозбудливите нови парчиња хардвер кои ги видовме последниве неколку години и со нетрпение очекуваме да ги ставиме пред нашите очи. А до тоа веројатно ќе дојде многу побрзо отколку што очекувавме, бидејќи еден од партнерите на Microsoft за изработка на хардвер, Asus, сака да има своја верзија на HoloLens.
Ова и не е изненадување, бидејќи Microsoft има идеја да ја прошири технологијата и сите можности на Windows 10 оперативниот систем, кој се вградува во HoloLens, а не да има само еден продукт со ваква функција, што се гледа во изјавата на Тери Маерсон, главниот за хардвер дивизијата на Microsoft: „Се што правиме во хардверскиот дел го правиме со цел ширење на Windows еко системот. Затоа и инвестираме во нови категории.“ Според информациите, Џони Ши, кој е CEO на Asus, е исто така многу заинтересиран за производство на верзија на HoloLens.
Исто така, верзијата на Microsoft чини 3000 долари за дивелоперите, што е прилично скапо, па доколку влезат други производители со свој продукт за изменета реалност, цената со сигурност ќе падне надолу, а од друга страна ова со сигурност и ќе го подобри квалитетот на уредот.
Microsoft HoloLens инаку има многу иновативни можности, како на пример играње на игри во вашата соба, или пак ставање на други виртуелни содржини, како голем дисплеј во дневната, лебдечки дисплеј со Skype кој ќе ве следи цело време, или пак OneNote потсетник на фрижидерот. Очилата работат со Windows 10, што значи дека ќе имаат можност да ги користат уноверзалните апликации, кои се наменети за сите уреди со оперативниот систем.
Извор: CNET, Windows Central